ШТО ВКЛУЧУВА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР?

Иако Договорот од Преспа постојано е тема на дискусија, јавната дебата се фокусира само на половина содржина од истиот. Додека владата, десницата и екстремната десница го потенцираат единствено прашањето за "името", цел сегмент од договорот кој ги дефинира финансиските, политичките и воените односи помеѓу двете земји, останува игнориран и непознат за јавноста. Зошто?

ШТО ВКЛУЧУВА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР?

Во член 1 Договорот го дефинира името на државата, а во параграф 1.8 ги дефинира понижувачките услови за било кој народ за користење на erga omnes името, со тоа што наметнува користење на името само внатре во државата, обврска за промена на Уставот (член 4), при што се дефинирани и самите процеси за валидација на договорот.

Вториот дел од Договорот се однесува на "зајакнувањето и продлабочувањето на соработката помеѓу двете страни". Во параграф 1 се дефинира дека страните на договорот се согласуваат "нивната стратешка соработка да се прошири во сите сектори како што се земјоделството, цивилната одбрана, одбраната, економијата, енергетиката, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата, прекуграничната соработка". Оваа нејаснa и неутралнa формулaција на потребата за подобрување на билатералните односи е проследена со прилично конкретни детали кои всушност ги претставуваат специфичните интереси на мултинационалните гиганти инволвирани во конкретната област, како и интересите на грчкиот капитал.

Со членот 14 Договорот се придвижува кон неговата финансиска "суштина". Во параграфот 4 се утврдува дека "страните ќе ја засилат својата соработка во областа на енергетиката, главно преку изградба, одржување и користење на интерконективни гасоводи и нафтоводи (кои веќе постојат и се изградени или се проектирани).

Член 16 дефинира дека двете земји ќе "соработуваат" во областа на "цивилната одбрана". Сите ја знаеме улогата што ја игра "цивилната одбрана" во односите помеѓу механизмите за сузбивање, како и во разграничувањето на "влијателните зони" (на пример, Егејското Море).

Членот 17 директно се однесува на "воената соработка" меѓу двете земји. Со овој член се утврдува дека двете страни ќе ја прошират својата соработка во областа на одбраната преку заеднички вежби и обуки на армијата.

Од ова може да се заклучи дека Договорот е составен три аспекти: а) учество на "Северна Македонија" во империјалистичките коалиции на НАТО и ЕУ, б) решавање на "историските спорови" меѓу двете држави (име, јазик, историско наследство итн.) и

в) развој на финансиските, политичките и воените односи меѓу двете земји, што го сочинува вториот дел од Договорот (во суштина половина од договорот).

Затоа, доколу некој сака да го критикува договорот, особено од левичарски класен аспект, тогаш мора да го анализира Договорот како целина, а не како изолиран дипломатски текст. И тоа во рамките на конкретниот политички и економски контекст во кој е потпишан Договорот, рамнотежата на моќ која се креира и рефлектира и конечно, анализа на класните интереси кои Договорот ги застапува.

ФИНАНСИСКАТА СТРАНА НА ДОГОВОРОТ И ФИНАНСИСКИТЕ ОДНОСИ НА ДВЕТЕ ЗЕМЈИ. УЛОГАТА И ЦЕЛИТЕ НА МУЛТИНАЦИОНАЛНИТЕ КОРПОРАЦИИ И ГРЧКИОТ КАПИТАЛ ВО РЕГИОНОТ

Во 2017-та година, Грција со обем од 726 милиони евра била третиот најважен бизнис партнер на Република Македонија после Германија (со 3,1 милијарди евра), што е за 32 милиони помалку од Обединетото Кралство, со обем од 758 милиони евра. Само овие податоци се доволни за да се разобличи смешната реторика за "национална опасност" и "иредентизам" што се уште е прифатлива за некои левичарски групи во Грција.

Но, само овие податоци не се доволни, бидејќи е потребено посериозно да се анализира структуратата и присуството на грчкиот капитал во Република Македонија. Ако ја следиме оваа елементарна марксистичка анализа, лесно е забележливо дека грчкиот капитал игра клучна улога во најважните финансиски области на соседната земја, контролирајќи ги истите до одреден степен.

335 бизниси на грчките интереси работат во соседната земја. Како трета рангирана меѓу најголемите бизниси е "ОКТА рефинеријата", подружница на HELPE (Хеленик петролеум) со приход кој надминува 311 милиони евра. Воспоставувањето на доминација од страна на HELPE на пазарот во соседната земја не беше лесно, бидејќи во 2013 година Владата на Груевски го прекина нафтоводот кој ја поврзуваше рафинеријата ХЕЛПЕ од Солун со соодветната рафинерија на ОКТА, со што се поткопаа условите за инфилтрација на ХЕЛПЕ на овој пазар. Но, со Договорот е предвидено забрзување на процесот на реaктивирање на нафтоводот, контекст кој може да се извлече од потенцирањето на "постојните цевководи" за нафта и природен гас. Реактивирањето на гасоводот, имајќи ги во предвид плановите на ХЕЛЕП, ќе ја направи Република Македонија појдовна точка за понатамошна инфилтрација на ХЕЛЕП на Балканот, а особено во Србија (која денес се снабдува со гориво од Панчевската рафинерија, која е 50 % руски капитал и 50% српски капитал), во Бугарија каде доминира рускиот "Лукоил" и во Албанија.

Во меѓувреме, неодамна, на 15-ти април одборот на DEH (Грчката национална компанија за производство на електрична енергија) го одобри откупот на ЕДС, претпријатие за снабдување и тргување со електрична енергија по цена од 4,8 милиони евра. ЕДС е растечка корпорација во областа на тргување и снабдување со електрична енергија. Таа е основана во 2012 година и е сопственик на подружници во Србија, Словачка и Косово. Договорот беше потпишан на 25 април помеѓу извршниот директор на ДЕХ Манолис Панајотакис и сопственикот на ЕДС и вицепремиерот на соседната земја, Кочо Анѓушев.

И за крај, неодамна Владата на Република Македонија соопшти дека е склучен договор помеѓу Акционерското друштво за вршење енергетски дејности (МЕР) и грчкиот гасен оператор, со прецизирана временска рамка, како и детали за изградбата на интерконективен гасовод за природен гас. Со овој проект ќе се изгради мрежа на гасоводи за природен гас, со должина од околу 120 км, додека во исто време се создаваат услови за идно поврзување со меѓународниот Транс -Јадрански гасовод.

Но, не е само енергетскиот сектор каде грчкиот капитал (со сегашната структура од мнозинско учество на мултинационалните корпорации, особено американските) има доминантна улога. Водечкото место во финансискиот систем го завзема Стопанска банка, која е подружница на Грчката Народната банка. Крупни инвестиции и моќни позиции во соседната земја, освен на енергетските компании и банки, им припаѓаат и на групацијата ТИТАН со нејзината подружница Усје Цементарница, на градежното претпријатие АКТОР (кое е подружница на грчката групација АКТОР) и на подружницата Дојран Стил ДООЕЛ (подружница на СИДЕНОР групацијата). Главен играч во трговијата на мало е групацијата Веропулос, додека Елбиско, сопственост на Киријакос Филипу е најголемата компанија за производство на леб во соседната земја.

Со една посета од Солун до Скопје, насекаде може да се забележи присуството на грчкиот капитал.. Веднаш штом ja поминeте границaта на Гевгелија, ќе се сретнете со балканскиот Лас Вегас и казината кои се речиси исклучиво насочени кон грчкиот пазар. Подоцна ќе наидете на новиот автопат за кој се дискутираше дека ќе биде преименуван од "Александар Велики" во "Автопат Пријателство", автопат што истовремено го гради претпријатието АКТОР, сопственост на грчкиот "национален изведувач" Боболас, кој пронајде ново поле за профитирање во соседната земја. И штом стигнете во Скопје, веднаш до главната автобуска станица ќе го видите трговскиот центар Веро, најголемиот трговски центар во Македонија, во сопственост на (за нас) познатиот Веропулос, кој заедно со компанијата Џамбо изградија големи трговски центри и во други градови. Веропулос, иако прогласи банкрот во Грција, продолжува да профитира, со тоа што всушност ги применува истите, дури и полоши работни услови од тие кои ги применуваше во Грција.

Инфилтрирањето на грчкиот капитал и неговата доминантна улога во регионот е неспорна. Потпишувањето на Договорот и патот на Македонија кон пристапувањето во ЕУ ќе ја засили оваа улога.

Затоа империјалистичките земји и нивните меѓународни организации во најголем дел го поздравија овој договор со кој се трасира патот за пристапување на соседната земја кон овие организации, при што и буржуазијата од нашата земја беше воодушевена од Договорот. Карактеристичен пример за ова е поддршката искажана преку разни статии во поголемиот број на медиуми, преку користење аргументи чиј главен фокус е новата шанса на Грција "да врати дел од својата водечка улога и влијание на Балканот, паралелно ограничувајќи го влијанието на Турција и оставајќи простор за делување во регионот". Самиот Министер за надворешни работи не се двоумеше да спомне дека со Преспанскиот договор се поставува патот за Балканот повторно да стане "грчка колонија"!

Воопшто не треба да се потенира фактот дека разликата во воената моќ помеѓу двете земји е огромна. Грција располага со бројка од 161.000 војници, додека Македонија со 8.055. Македонските воздухопловни сили се состојат од шест воени и шест транспортни хеликоптери (Грција има флота од 600 авиони), 31 оклопни возила (Грција има 1345 оклопни возила) и не располага со морнарица. Земајќи го сето ова во предвид, навистина е бизарно тоа што некои фактори тврдат дека постои некаква "опасност" и тоа што левицата не крева силен фронт против оваа бесмислица.

КОЈА ТРЕБА ДА БИДЕ ПРИНЦИПИЕЛНАТА ПОЗИЦИЈА ВО ОВОЈ СЛУЧАЈ?

Базата околу која полемизираат националистичките и "антинационалистичките" струи е контроверзноста поврзана со името и националноста, при што со ваквиот пристап ја деградираат улогата која договорот ја игра како предвесник за влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ, како и за зајакнувањето на геополитичката улога на грчката олигархија.

Прашањето за националниот идентитет никогаш не е причина за конфликти и војни. Причините за конфликти и војни лежат во спротиставеноста на класните интереси. Всушност оваа реторика треба да биде главниот фронт на левицата, наместо да ја репродуцира познатата реторика на десничарската опозиција за таканаречениот "иредентизам" и "опасност". Македонската етногенеза е поврзана со социјалното прашање уште од периодот на Илинденското востание, но и во 20-тите, 30-тите и 40-тите години, кога се судира со фашистичките режими во Србија, во Грција и Бугарија. Моментално, во соседната земја се прават напори да го аплицираат сето ова во својот национален наратив без социјалната и класната димензија на историското минато, преку обидите за ревидирање на историјата кои се одвиваат не само во Грција, туку и во светски рамки, на пример преку изедначувањето на фашизмот со комунизмот.

Во Грција "македонското прашање" е дел од основата околу која се градеше националниот наратив на новата грчка држава. Овој наратив се гради преку прикривање на мултинационалниот елемент во регионот, како и преку националистичките политики на етничко чистење, кои со текот на времето грчката држава систематски ги наметнувала над словенските култури кои се наоѓале во рамките на грчките граници.

Историски гледано, комунистичкото движење во Грција се спротивставувало на оваа националистичка, буржуарска политика.

Актуелниот став на ККЕ (Комунистичка партија на Грција) и на другите левичарски организации е трагичен. Во 1988 година за прв пат тогашниот лидер на ККЕ, Харалаос Флоракис тврдеше дека "за ККЕ не постои македонско малцинство во Грција". Актуелниот генерален секретар на партијата, Димитрис Куцумпас во неколку последователни интервјуа го оспоруваше постоењето на македонското етничко малцинство и постоењето на современата македонска нација и јазик. Исто така, признавањето дека постои било кој елемeнт од погоре спомнатите се смета за поддржување на иредентистичките барања на соседната земја и веднаш го покренува прашањето за промена на границата. Оваа позиција е трагична, особено ако ги земеме во предвид илјадниците комунисти кои во Грција биле измачувани, егзекутирани или прогонети на оддалечените острови токму затоа што ја одбиле политиката на официјалната грчка држава во 40-тите, 50-тите и 60-тите години.

ККЕ со постојаното потенцирање на прашањето за национална безбедност и иредентизмот на соседите и со игнорирањето на моменталниот преседан со кој се интервенира промена во делови од Устав на соседна држава во услови на мир, единствената работа која ја коментира е ставот дека и овие промени не се доволни и дека истите претставуваат опасно отстапување. За опасните / хегемонистички аспирации на грчката држава во регионот комплетно изостанува критиката од страна на оваа комунистичка партија. Другиот проблем кој произлегува од ваквиот став е тоа што ја поткопува секоја шанса за комуникација со соседните народи, во време кога е потребен заеднички фронт против грчките корпорации, мултинационалниот капитал, ЕУ и НАТО. Како би граделе напредок со народ чие право на национално, јазично и државно самоопределување тие го негираат?

Второ, но подеднакво важно. Во целосниот став на ККЕ и другите организации, спротиставувањето против грчкиот национализам целосно изостанува или е минимално. Но, како поинаку би се победил домашниот национал - шовинизам? Со прифаќање на дел од неговата аргументација? Со алармирања за заканите од иредентизмот на соседите по територијалниот суверенитет на грчката државата или со смело разобличување на националните митови и идеологијата на грчката држава изградени врз реториката на "државата од сите страни е опкружена со непријатели"?

Но, мора да се напомене и спротивната грешка. Дел од домашните левичарски и анти - авторитарни/анархистички движења исто така го одобруваат договорот помеѓу Ципрас и Заев или барем се попустливи спрема истиот. Зад ова гледиште стои погрешната логика дека Договорот претставува удар за национализмот и дека истиот е (релативно) фер решение за долгогодишниот спор. Во овој случај, постои јасно потценување на империјалистичкиот фактор на кој овој договор му служи за остварување на неговите очигледни интереси во регионов, додека се занемарува националистичката тенденција која ќе ја креира наративот за "национално предавство", тенденција која веќе е култивирана од страна на традиционалната и екстремната десница од двете страни на границата. И не само тоа, туку ваквите попустливи ставови ја оправдуваат и агресивната, експанзивна политика на грчката држава и грчкиот капитал, како и реализирањето на овој план од страна на владата на СИРИЗА. Оваа одобрувачка позиција на левичарските и анти - авторитативните движења сепак, во пошироката прогресивна публика ненамерно се поклопува со владината пропаганда и воопшто не придонесува за разоткривање на целите и интересите на буржоазијата.

Наспроти двата доминантни ставови, кои не можат во целост да им се спротистават на двете форми на буржоарската политика - буржуарскиот антинационализам и буржуарскиот космополитизам/антинационализам, се појавува обид за јасно спротиставување на договорот, не само затоа што истиот е врската за подоцнежна интеграција на Балканот во НАТО и ЕУ, туку и заради тоа што тој им служи на интересите на грчката олигархија чија цел е зајакнување на својата геополитичка и економска улога во регионот, преку уценувања и наметнувања услови над соседните народи. Токму оваа позиција ја потенцира потребата за антиимперијалистичко, класно и интернационално обединување на народите.

Единствено преку градење на комунистичка и работничка политика можеме да му се спротиставиме на национализмот. Најпрво, мора да се разобличат плановите на НАТО и ЕУ за целосно потпаѓање на Западен Балкан под нивната империјалистичка чизма. Токму договорот помеѓу Заев и Ципрас им служи на овие интереси. Истовремено, ние мораме да ги разоткриеме националните, државните планови на претставниците на буржоазијата за повторното нејзино зајакнување на Балканот и трансформирање на Република Македонија во место за извлекување екстремни профити од страна на грчкиот капитал.

Неопходно е интернационално обединување на работничката класа, со градење соработка помеѓу работничката класа и обичниот народ преку која ќе се спротиставиме на буржуарската класа, на империјализмот и на национализмот од двете страни на границата. Ова е единствениот начин класните движења да бидат независни од буржуарската политика, преку поставување темели за нова алтернатива на Балканот и градење антиимперијалистичка, антинационалистичка и антимилитарна борба заедно со работниците и левичарските движења од Република Македонија, кои исто така се борат против национализмот и буржуазијата во нивната земја.

Всушност, ние делиме заедничко историско наследство. Се разбира, тоа не е Александар Велики, туку заедничката балканска револуционерна традиција водена над сегашните граници. Борбата на народите против империјализмот и фашизмот беше заедничка борба со децении. За време на Втората светска војна и Грчката граѓанска војна, Грците, Македонците, но исто така и Турците од западна Тракија, Ромите и другите малцинства од Грција заедно се бореа против нацистичките Германци најпрво, а потоа против алијансата на Велика Британија и САД, додека грчките фашисти и ројалисти соработуваа со нив. Најголем дел од Македонците во Грција се приклучија на силите на ЕАМ (Народно ослободителен фронт во Грција) и ЕЛАС (Комунистичка армија за народно ослободување) и ја доживеаја истата судбина како нас (на пример, првата употреба на напалм бомбите фрлени од САД против комунистичката армија врз планината Грамос).

Грците, Македонците и сиот народ на Балканот делат заеднички вредности, а тоа е моќта за ослободување на опресираното мнозинство и на работничката класа која е втемелена во секоја држава. Одговорот против економската (и не само економската) експлоатација и угнетување и поделбите што водат кон војни, се наоѓа во интернационалното обединување на работниците и поведување на социјалистичка револуција во секоја земја.